
На светските берзи цените на акциите пораснаа и минатата недела, бидејќи инвеститорите се убедени дека циклусот на заострување на монетарната политика е завршен, па веќе се шпекулира за претстојното намалување на каматните стапки.
На Волстрит, Dow Jones минатата недела порасна за 1,3 отсто, на 35.390 поени, додека S&P 500 порасна за 1 отсто, на 4.559 поени, а индексот Nasdaq порасна за 0,9 отсто, на 14.250 поени.
Растот на индексот четврта недела по ред е благодарение на убедувањето на инвеститорите дека американската централна банка го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, бидејќи сите најнови податоци покажуваат дека инфлацијата во САД слабее, а економскиот раст забавува надолу. Тоа го потврдија речиси сите извештаи за производството, расположението на потрошувачите и пазарот на труд, објавени минатата недела. Според сите сметки, и покрај наглото зголемување на каматните стапки од страна на ФЕД во последната година и половина, најголемата светска економија ќе избегне рецесија.
Општата слика на пазарот е солидна. И покрај загриженоста за економијата и претстојните празнични трошоци, пазарот изгледа отпорен пред периодот во кој цените на акциите имаат тенденција да растат, вели Квинси Крозби, стратег во LPL Financial.
Сега најмногу се шпекулира кога ФЕД би можел да почне да ги намалува каматните стапки. На пазарот на пари, се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи веќе во март, а дека во целата наредна година каматните стапки би можеле да се намалат за цел процентен поен.
Обемот на тргување беше значително помал од вообичаеното минатата недела поради Денот на благодарноста. Поради тој празник, во четвртокот во САД немаше работа, а во петокот скратено работеше Волcтрит. Во наредните денови најважно е да се следат податоците за потрошувачката на почетокот на празничната шопинг сезона, од кои би можело да зависи движењето на цените на акциите во трговскиот и другите сектори.
И на повеќето европски берзи цените на акциите пораснаа минатата недела. Франкфуртскиот DAX индекс зајакна за 0,7 отсто, на 16.029 поени, а париски CAC зајакна за 0,8 отсто, на 7.292 поени. Но, лондонскиот FTSE ослабе за 0,2 отсто, на 7.488 поени.











