ЕУ ќе ги укине одмаздничките царини за американските стоки до крајот на март 2025 година

Европската унија ги прекинува царините за американските стоки до крајот на март 2025 година, кои Брисел ги воведе како контрамерка на тарифите на Вашингтон за челик и алуминиум од ЕУ.

Оваа информација денеска беше објавена на официјалната веб-страница на ЕУ.

Европската унија одлучи да се воздржи од тарифи врз основа на договорот со САД во кој Вашингтон вети дека ќе ги суспендира и сопствените царини од 25 отсто за европскиот челик и давачките од 10 отсто за алуминиумот од ЕУ, пренесува Ројтерс.

Американските царини за челик и алуминиум од ЕУ беа воведени во 2018 година од страна на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Вашингтон претходно се согласи да ги суспендира своите царини за европскиот челик и алуминиум на две години, почнувајќи од јануари 2022 година, и да ги замени со квоти.

Системот на квоти во САД дозволува увоз до 3,3 милиони тони челик од ЕУ и 384.000 тони алуминиум во САД без царина, додека дополнителните количини подлежат на царини.