Инвестициската банка JPMorgan Chase & Co со американското министерство за правосудство и останатите владини агенции постигна договор според кој банката ќе плати 13 милијарди казна за да се запрат судските процеси кои се водат против неа, пишува The Wall Street Journal.
Наведувајќи ги своите извори, весникот прецизира дека договорот за вонсудско порамнување има за цел да се затвори процесот во врска со продавање на спорни хипотекарни обврзници кои банката свесно ги продавала, предизвикувајќи во периодот на глобалната финансиска криза големи загуби за купувачите. Постигнатата спогодба не ја ослободува банката од кривична одговорност.
Ако овој износ биде потврден, тоа ќе биде највисокиот износ што една американска компанија го исплатила поради вонсудско порамнување со владата.
Банката JPMorgan е основана во 1799 година и е еден од светските лидери во сферата на обезбедувањето инвестициски банкарски услуги и управувањето со средства на доверителите. Таа е активна во повеќе од 60 земји во светот.