
Британското архитектонско студио Foster + Partners е задолжено за дизајнирање на облакодер висок два километри во Ријад, Саудиска Арабија, кој доколку се реализира, би станал највисоката зграда на планетата.
Извештајот на британското архитектонско списание Architects’ Journal (AJ) открива дека дизајнот на овој исклучително висок облакодер се развива за локација во северниот дел на главниот град на Саудиска Арабија, пишува gradjevinarstvo.rs.
Според Architects’ Journal, планираната локација за облакодерот е во непосредна близина на меѓународниот аеродром во градот, кој моментално е во реконструкција од страна на Foster + Partners.
Облакодерот, доколку биде изграден, би ја добил титулата за највисока зграда во светот, со висина што го удвојува актуелниот рекордер Бурџ Калифа во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, кој е 828 метри.
Покрај тоа, ќе стане и највисоката зграда во Саудиска Арабија, надминувајќи ја висината на кралската саат-кула Абраџ Ал Баит во Мека, која се издига на 600 метри.
Проектот би бил втор голем обид на Саудиска Арабија да ја изгради највисоката зграда во светот, откако започна изградбата на 1.000 метри високата кула Џеда, дизајнирана од Adrian Smith + Gill Gordon Architecture, во градот Џеда. Првите визуелизации на идната кула беа објавени во 2011 година, а изградбата започна набргу потоа, во 2013 година. Сепак, проектот беше паузиран и продолжи дури минатата година.











