Турското барање за регистрација на донер ќебап како традиционален турски производ во Европската унија предизвика бурни реакции во Германија.
Меѓународната федерација за донер ќебап од Истанбул поднесе апликација со цел да го признае донерот како турски производ и да ги заштити стандардите на неговото производство, пишува турски Хуриет.
Турската апликација беше објавена во официјалниот весник на ЕУ на 24 април, а почна да тече тримесечниот рок за жалби пред да се донесе конечната одлука.
Доколку се прифати турската апликација, донер ќебапот ќе добие иста заштита како италијанската пица наполитана и францускиот шампањ.
Тоа значи дека само ќебап кој исполнува одредени критериуми може да биде означен како донер, а непочитувањето може да резултира со казна, пренесе Хуриет.
Германија покрена приговори на тоа, укажувајќи на „големото културно значење“ на донер во земјата. Оваа брза храна, која во Германија ја донеле турски имигранти, стана многу популарна и една третина од Германците наводно јадат донер барем еднаш месечно.
Многумина во Германија сметаат дека турската апликација за заштита на донер ќебапот е напад на нивниот културен идентитет.
Бизнис вреден 3,5 милијарди евра
– Донер ќебапот стана национална брза храна во Германија – изјави портпаролот на германското Министерство за храна.
– Воведувањето нови стандарди во производството може да ја поткопа нејзината единствена адаптација во Германија – додаде тој, пренесе Хуриет.
Турскиот предлог вклучува стандарди за дебелина на сечењето и специфични карактеристики на месото. Во него се наведува дека донерот мора да се сече хоризонтално со дебелина од 3-5 милиметри и да се направи од јагнешко и говедско, а не телешко, што е вообичаено во Германија. Донер за пилешко месо мора да се исече на дебелина од 1-2 сантиметри.
– Во Турција нема донер како што го правиме овде – изјави донер мајсторот од Берлин, Ариф Келеш, за магазинот „Штерн“.
– Прифаќањето на турската апликација ќе ни создаде значителни предизвици – истакна Келеш.
Весникот „Хуриет“ пишува дека тоа е голем економски влог бидејќи вредноста на индустријата за донер ќебапи во Европа се проценува на 3,5 милијарди евра, соопшти турската асоцијација на производители на донер во Европа.