Нови рекорди на Волстрит, во фокус технолошкиот сектор

79

На Волстрит индексот S&P 500 вчера достигна ново рекордно ниво, исто како и индексот Nasdaq, што најмногу се должи на растот на цените на акциите на технолошките компании.

Индексот Dow Jones загуби 0,06 отсто, на 39.308 поени, додека S&P 500 порасна за 0,51 отсто, на 5.537 поени, а Nasdaq 0,88 отсто, на 18.188 поени.

Најмногу пораснаа цените на акциите во технолошкиот сектор
И вчера, како и претходните денови, најмногу поскапеа акциите во технолошкиот сектор. На пример, цената на Nvidia скокна за повеќе од 4 проценти, а значително се зголемија и цените на другите производители на чипови.

Акциите на Tesla пораснаа за уште 5 отсто, откако претходниот ден скокнаа за повеќе од 10 отсто, бидејќи производителот на електрични возила објави помал од очекуваниот пад на испораките во вториот квартал.

Охрабрување кај инвеститорите
Инвеститорите беа охрабрени од послабите од очекуваните податоци од американскиот пазар на труд, бидејќи слабеењето на тој пазар може да доведе до помал притисок врз растот на платите и потрошувачката.

А тоа, пак, би довело до слабеење на инфлаторните притисоци, што би отворило простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки. Благодарение на ова, вчера зајакнаа шпекулациите дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки веќе во септември.

Цените на акциите пораснаа и на европските берзи

Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,61 отсто, на 8.171 поен, додека франкфуртски DAX порасна за 1,16 отсто, на 18.374 поени, а париски CAC за 1,24 отсто, на 7.632 поени.