Внимателно тргување на Волстрит пред клучните податоци за инфлацијата 

45

Во понеделникот на Волстрит се тргуваше внимателно бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред новите податоци за инфлацијата, извештајот на претседателот на ФЕД Џером Пауел и првите квартални деловни резултати на компаниите и банките.

Индексот Dow Jones загуби 0,08 отсто, на 39.344 поени, додека S&P 500 порасна за 0,10 отсто, на 5.572 поени, а Nasdaq 0,28 отсто, на 18.403 поени. Малите движења на индексот се резултат на претпазливоста на инвеститорите пред новите податоци за инфлацијата во САД.

Во четврток ќе биде објавен извештај за потрошувачките цени во јуни, а за цените на производителите во петок.

Инвеститорите се надеваат на дополнително ублажување на инфлаторните притисоци, што би отворило простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки.

Податоците за вработеноста во САД објавени во петокот покажаа дека пазарот на труд постепено слабее, што може да доведе до намалување на притисокот врз растот на платите и потрошувачката, што, пак, би довело до слабеење на инфлаторните притисоци.

Благодарение на ова, зајакнаа шпекулациите на пазарот дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки веќе во септември.

Сепак, челниците на ФЕД во последните месеци велат дека инфлацијата се уште е над целните нивоа од 2 отсто и дека треба да бидат трпеливи кога станува збор за намалување на каматните стапки.

Затоа оваа недела внимателно ќе се следи извештајот на претседателот на ФЕД Џером Пауел до Конгресот за економската ситуација.

Дополнително, на крајот на неделата започнува сезоната на објавување на кварталните деловни резултати на компаниите и банките.