На Волстрит индексот Dow Jones достигна ново рекордно високо ниво, додека S&P 500 и Nasdaq остро паднаа поради притисокот врз акциите на производителите на чипови по веста дека властите планираат да воведат нови ограничувања во трговијата со Кина.
Индексот Dow Jones зајакна 0,59 отсто, на 41.198 поени, додека S&P 500 потона за 1,39 отсто, на 5.588 поени, а Nasdaq 2,77 отсто, на 17.996 поени. Медиумите објавија дека администрацијата на претседателот Џо Бајден има намера да воведе строги нови трговски ограничувања против Кина што предизвика остар пад на цената на акциите на производителот на чипови.
Индексот на тој сектор потона за речиси 7 отсто, што е негов најголем дневен пад од почетокот на 2020 година. Дополнително, продолжи ротацијата на капиталот од технолошкиот сектор, кој доведе до раст во последниве години, во сектори кои би можеле да имаат поголема корист од намалувањето на каматните стапки.
Имено, на пазарот зајакна мислењето дека американската централна банка во септември ќе ги намали каматните стапки бидејќи инфлаторните притисоци се намалуваат, додека економскиот раст забавува. И ова го поддржува растот на цените на акциите во секторите кои досега заостанаа.
Инвеститорите се фокусирани и на деловните резултати на компаниите и банките во вториот квартал. Вообичаено, повеќето од нив пријавуваат поголема заработка од очекуваната. Вчера Џонсон и Џонсон објави подобри резултати од очекуваните, па цената на акцијата на фармацевтската компанија значително порасна.
Со зголемувањето на цените на акциите на неколку други компании од Dow Jones, тој индекс вчера трет ден по ред достигна рекордно ниво.