Внимателно тргување на берзите во пресрет на одлуката за каматните стапки

70

Цените на акциите благо паднаа на азиските берзи во вторник, додека инвеститорите ги очекуваат новите економски податоци од САД кои би можеле да влијаат на одлуката на шефот на ФЕД за тоа колку да ги намали каматните стапки.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во седум часот беше во минус од 0,1 отсто.

Истовремено, индексот Никеи падна за 0,2 отсто на берзата во Токио, а цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Хонг Конг и Шангај паднаа меѓу 0,1 и 0,5 отсто.

Азиските инвеститори се претпазливи бидејќи речиси сите најнови податоци покажуваат дека кинеската економија расте побавно од очекуваното на почетокот на годината, а кризата на тамошниот пазар на недвижности се уште не е завршена.

Пазарите се поддржани од верувањето на инвеститорите дека американската и европската централна банка ќе ги намалат каматните стапки овој месец, што треба да го поддржи економскиот раст.

Повеќето аналитичари, пишува Хина, очекуваат кратење од 0,25 процентни поени, но на тие проценки би можело значително да влијае извештајот за вработеноста во САД, кој ќе биде објавен во петок и кој ќе ја покаже состојбата на пазарот на трудот.

Во понеделникот немаше тргување на Волстрит поради одмор во САД, а американските фјучерси индекси моментално стагнираат, што навестува претпазливо тргување на најголемата светска берза во вторник.