Во делот на некогашната индустрија Обод во Цетиње, на почетокот на следната година ќе почне да се произведува чоколадо, а инвеститор е украинската компанија Монтелор. Со потпишаниот договор е предвидено да биде отворена фабрика за производство на чоколадни производи, со што ќе се отворат нови 53 работни места.
“Особено ми е драго што потпишаниот договор ќе резултира со 53 нови работни места, што потврдува дека станува збор за добра и одржлива инвестиција”, изјави градоначалникот на Цетиње, Александар Богдановиќ, пишува Побједа.
Извршниот директор на Монтелор, Растислав Карандјејев нагласи дека ова е само почеток на приказната за соработка меѓу двете земји.
Според плановите на компанијата Монтелор, веќе во наредните денови ќе започне реконструкцијата на халата во која ќе функционира идната фабрика. Фабриката, во согласност со договореното, ќе почне со работа за четири месеци.