На крајот од годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка во Вашингтон, претседателот на Светската банка Аџеј Банга го презентираше напредокот во работата на институцијата што ја води 16 месеци.
Спомна побрзи и поедноставни процедури и поголеми амбиции. Тој увери дека институцијата ќе продолжи да дава поддршка на земјите на кои им е потребна помош.
Банга изјави дека Светска банка станала побрза во одговарањето на потребите на своите членки бидејќи сега се потребни 16 наместо 19 месеци за одобрување проекти, а до јуни 2025 година целта е тоа време да се намали на 12 месеци. Тие, исто така, ги поедноставија процедурите и се фокусираа на конкретни резултати.
„Во последните 60 години, 36 земји кои добија помош од Меѓународната асоцијација на развојни банки (ИДА) беа промовирани во земји донатори. Во текот на десет години, ИДА одвои 270 милијарди долари за развој и помош“, рече Банга.
„Со реформите што ги воведовме, Светска банка може да преземе поголеми и поамбициозни проекти кон свет без сиромаштија“, рече тој, меѓу другото споменувајќи го планот за снабдување со електрична енергија на 300 милиони Африканци до 2030 година.
Исто така, до 2030 година, Светска банка планира да обезбеди здравствена заштита по прифатлива цена за 1,5 милијарди луѓе ширум светот, а околу 45 отсто од целокупното финансирање на банката ќе оди на проекти за климата.
„Во следната деценија на светот ќе му треба 60 отсто повеќе храна за околу десет милијарди луѓе“, рече тој и најави соработка во проекти за помош на земјоделците ширум светот. Како главна задача на банката го истакна продолжувањето на борбата против сиромаштијата во светот, вклучително и преку проекти за вработување млади.