Почнува Belgrade Venture Forum

48

belgrad-forumНајголемиот регионален инвестициски форум посветен на финансирање на иновативни стартапи, мали и средни претпријатија и развој на претприемништво, Belgrade Venture Forum, почнува денес и ќе трае два дена. На вториот по ред форум што ќе се одржи во Белград, ќе се претстават преку 50 соговорници од 15 земји.

На конференцискиот дел ќе бидат покриени теми за стартап трендови, пронаоѓање инвеститори, корпоративно инвестирање, предизвици и можности за прекугранични инвестиции, најнови методологии во развој на работењето, жените како стартап претприемачи, образовниот систем и примена на истражувањата во комерцијални технологии.

Според претходните најави, на форумот ќе присуствуваат преку 30 домашни и странски инвеститори со вкупно инвестициско портфолио од преку две милијарди евра. Ќе бидат присутни фондови кои инвестираат во сите фази од развојот на компаниите, од големите Intel Capital, EBRD Venture Capital Facility, до фондови кои инвестираат во стартапи и рани фази на компаниите, како Meta Group, Founders Institute, Xevin Investments, CleanTechTure, World Enterpreneurship Forum, Eleven и LaunchHub акцелераторот.

На инвеститорите ќе им бидат претставени 38 идеи, избрани на претходно отворениот стартап натпревар, по строго утврдени критериуми, меѓу повеќе од 130 пристигнати пријави. Основачите ќе имаат единствена можност да ги презентираат своите проекти пред инвеститорите и евентуално да дојдат до нивна финансиска или некаква друга поддршка.