Најголемиот германски синдикат ИГ Метал ги повика вработените во сите фабрики на Фолксваген во Германија да престанат со работа на почетокот на неделава.
„Во понеделник ќе започнеме со предупредувачки штрајкови во сите фабрики. Колку долго ќе траат овие штрајкови зависи од тоа како раководството на Фолксваген ќе се однесува на преговарачката маса“, изјави претставникот на ИГ Метал, Торстен Грогер во преговорите со Фолксваген.
Грогер рече дека ова, доколку е потребно, ќе бидат најжестоките преговори што Фолксваген некогаш ги доживеал.
Периодот на примирје заврши
Во неделата вечерта истече, т.н период на примирје за време на кој ИГ Метал се воздржуваше од свикување штрајк.
ИГ Метал бара зголемување на платите, но покачувањето нема да им се исплати на работниците, туку да се уплаќа во посебен фонд од кој би се финансирале намалувања на платите во случај на најавено намалување на работното време.
ИГ Метал исто така бара гаранции дека нема да има отпуштања.
Раководството на Фолксваген пред неколку недели објави дека поради намалувањето на побарувачката, особено на електричните автомобили, било принудено да воведе намалено работно време, како и затворање на цели погони во Германија.
Освен Фолксваген, во криза се и другите германски производители на автомобили поради слабата побарувачка на електрични автомобили, во чие производство компаниите вложија големи суми пари.
Минатата недела Форд Германија објави отпуштање на околу 3.000 вработени од својата централна европска фабрика во Келн.
Автомобилската индустрија бара од Владата мерки за намалување на товарот на преминот од мотори со внатрешно согорување на електрични автомобили, што вклучува враќање на субвенциите за набавка на електрични автомобили кои важеа до почетокот на годината.