Готовината е на работ да го изгуби статусот на главен начин на плаќање во еврозоната, која традиционално е еден од најконзервативните делови на развиениот свет кога станува збор за растот на електронските плаќања, покажуваат најновите податоци на Европската Централна банка (EЦБ).
Во студијата на ЕЦБ за навиките за плаќање на потрошувачите во еврозоната, која се прави на секои две години, може да се види дека готовината сега сочинува нешто повеќе од половина од сите трансакции, или 52 отсто, што е пад од 59 отсто во 2022 година. Само пред осум години, во 2016 година, учеството на готовината во трансакциите беше дури 79 отсто.
Плаќањата со картички продолжија да растат во последните две години од 34 на 39 отсто, а плаќањата преку мобилно банкарство се удвоија на шест отсто од вкупните трансакции.
Ваквите показатели веројатно ќе ги зајакнат аргументите во ЕЦБ дека треба да се воведе дигитално евро за да се осигура дека граѓаните имаат пристап до начин на плаќање без ризик дури и во свет каде готовината полека исчезнува.
Во однос на вредноста на платежните трансакции, картичките одамна се пред готовината и сега сочинуваат 45 отсто од вкупната вредност наспроти 39 отсто во случајот со готовината.
Шведска е членка на Европската унија каде практиката на електронски плаќања отиде најдалеку, но властите се загрижени што би можело да се случи доколку тој канал доживее некаков вид на прекин.
Државата им препорачува на граѓаните да имаат доволно пари на располагање за една недела „во случај на криза или војна“.
Дури и централната банка ја повика владата да ги принуди продавачите на основните добра како што се лекови, храна и гориво да примаат готовина и да ги зајакне мерките за сајбер безбедност во финансискиот систем.
Според податоците на Хрватската народна банка, во 2023 година бројот на националните трансакции без готовина пораснал за седум отсто на 1,22 милиони, а вредноста на овие трансакции била за 13 отсто поголема од претходната година и изнесувала 437,7 милијарди евра.