Федералните резерви немаат желба да учествуваат во напорите на владата да акумулира големи количини на биткоин. Ова го изјави претседателот на американската централна банка Џером Пауел на прес-конференција по последниот состанок на раководството на регулаторот за годинава. Тој ги намали клучните стапки по трет пат, како што се очекуваше, и сигнализираше забавување на темпото на идните намалувања.
„Не ни е дозволено да поседуваме биткоини“, рече Пауел.
Правните прашања околу сопственоста на биткоин се „нешто што Конгресот треба да го разгледа, но ние во ФЕД не сакаме да го промениме законот“, рече Пауел.
Неговиот коментар е даден во врска со идејата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да создаде национална стратешка резерва за биткоинот.
Коментарите на Пауел влијаеја на цената на биткоинот, која набргу потоа падна под границата од 100.000 долари. Падот беше најголем барем од септември, пишува „Bloomberg“.
Трамп предложи да се создаде резерва за биткоин, но не даде детали за тоа што ќе повлече таков проект. Засега е познато дека во неговиот состав првично може да бидат конфискуваните биткоини од државата, а се околу 200.000 и вредат околу 21 милијарда долари по сегашни цени. Цената на токенот се зголеми за повеќе од 50% од изборот на Трамп на 5-ти ноември досега.
Претходно во годината, републиканската сенаторка Синтија Лумис воведе предлог-закон за создавање таква резерва, според кој Министерството за финансии на САД ќе купи 200.000 биткоини годишно додека износот не достигне 1 милион токени. Купувањето ќе биде финансирано од банкарските депозити и златните резерви на ФЕД.
Финансирањето на стратешката резерва на биткоин најверојатно ќе бара одобрување од Конгресот и издавање на нов долг од Министерството за финансии, според анализата објавена оваа недела од „Barclays“. Со оглед на веројатните начини на кои може да се создаде таква резерва, „се сомневаме дека таков план ќе наиде на силен отпор од ФЕД“, велат аналитичарите на „Barclays“.
Примарната улога на Банката на федерални резерви во врска со криптовалутите се фокусира на тоа како овие средства можат да влијаат на безбедноста на потрошувачите и банкарската индустрија.
„Ние ги регулираме и надгледуваме банките и би сакале интеракцијата помеѓу крипто бизнисите и банките… да не го загрозува здравјето и благосостојбата на банките“, рече Пауел на 4-ти декември. Но, тој исто така забележа во тоа време дека кога станува збор за крипто средства, „не ги регулираат директно“.
Трамп планира да го назначи поранешниот извршен директор на „PayPal“, Дејвид Сакс, на новосоздадената позиција на советник за вештачка интелигенција и криптовалути во Белата куќа, а крипто-пријателскиот Пол Аткинс ќе ја предводи Комисијата за хартии од вредност и размена.