Нов рекорд на Волстрит

На Волстрит индексот S&P 500 вчера достигна рекордно високо ниво, додека инвеститорите ги анализираа деловните резултати на компаниите и изјавите на претседателот Доналд Трамп, кој, меѓу другото, повика на намалување на каматните стапки и на цената на нафтата.

Dow Jones порасна за 0,92 отсто, на 44.565 поени, додека S&P 500 порасна за 0,53 отсто, на 6.118 поени, а индексот Nasdaq за 0,22 отсто, на 20.053 поени.

Растот на овие индекси четврти ден по ред и новиот рекорден досег на S&P се благодарение на оптимизмот на инвеститорите, откако Трамп во своето обраќање пред учесниците на Светскиот економски форум во Давос рече дека ќе побара од ОПЕК да ја намали цената на нафтата, а централните банки да ги намалат каматните стапки.

Тој, исто така, ги предупреди деловните лидери дека ќе се соочат со американски тарифи за производите доколку сакаат да ги произведуваат надвор од САД.

Додека инвеститорите внимателно ги следат изјавите на Трамп за тарифите, „ним им се допаѓа идејата за намалување на каматните стапки, како и цените на нафтата“, вели Линдзи Бел, стратег во инвестициската фирма 248 Ventures.

„Генерално, пазарот е оптимист колку повеќе слуша за политиките на Трамп. Ние само гледаме одраз на тој оптимизам на пазарот“, рече Бел.

Сепак, инвеститорите стравуваат дека тарифите би можеле да ги зголемат инфлаторните притисоци и да го забават темпото на намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка.

„ФЕД ќе го игнорира Трамп“
Се очекува ФЕД да ги задржи каматните стапки на сегашното ниво на состанокот следната недела.

Претседателот на инвестицискиот совет на Чејс, Питер Туз, верува дека ФЕД ќе ги заснова своите одлуки за каматните стапки на економските податоци, а не на барањата на претседателот Трамп.

„Мислам дека ФЕД нема да посвети премногу внимание на тоа. Тие ги разгледуваат податоците и ќе донесат одлука врз основа на она што го гледаат“, рече Туз.

Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс се зголеми за 0,23 отсто, на 8.565 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,74 отсто, на 21.411 поени, а париски CAC за 0,70 отсто, на 7.892 поени.