Цените на нафтата паѓаат на меѓународните пазари

Цените на нафтата се задржаа под 77 долари во петокот, бидејќи инвеститорите се фокусираа на Вашингтон и неговите најавени царини за Мексико и Канада, како и пораки до Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници да ја зголемат понудата.

Утрово Брент се тргува по цена од 75,67, долари за барел а ВТИ за  72, 53 долари за барел.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше речиси непроменета од претходното затворање на тргувањето и изнесуваше 76,78 долари. Позначителни промени немаше на американскиот пазар каде барелот се тргуваше по 72,71 долари.

Кон крајот на неделата вниманието на трговците се сврте кон најавените американски царини за Канада, Мексико и Кина, пренесува Мина.

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини за канадски и мексикански увоз уште денеска доколку Торонто и Мексико Сити не престанат со испораките на фентанил во Соединетите држави (САД).

Канада и Мексико се главните добавувачи на нафта за САД, но моментално не е јасно дали и тие ќе бидат засегнати од царините. Трамп рече дека одлуката за нафтата ќе биде донесена наскоро.

„Тарифите веројатно ќе резултираат со значително намалена обработка во рафинериите во САД“, рече Ливија Галарати од Energy Aspects.

Тамаш Варга од ПВМ рече дека тие може да имаат негативно влијание врз економијата, што би значело послаба побарувачка на енергија. Побарувачката би можела да биде попречена и од можното зајакнување на доларот доколку Вашингтон навистина воведе царини, намалувајќи ја куповната моќ на купувачите со други валути.

Пазарот го очекува и редовниот состанок на ОПЕК +, закажан за понеделник.

Казахстанскиот министер за енергија изјави во средата дека групата планира да разговара за плановите на Трамп за зголемување на американското производство и да заземе заеднички став.

Трамп побара од ОПЕК да ги намали цените со зголемување на производството.

„ОПЕК најверојатно ќе го прифати барањето на САД за зголемување на производството за да се избегне гневот на Трамп. „Тие исто така би можеле да објават постепено укинување на доброволните ограничувања за снабдување, ако не од април, тогаш од втората половина на годината“, рече Варга.

ОПЕК одделно објави дека барел од кошничката нафта на нејзините членки падна за 14 центи на 79,38 долари во четвртокот.