![circuit-board-2953853_640](https://biznisinfo.mk/wp-content/uploads/2025/02/circuit-board-2953853_640.jpg)
Автоматизацијата на работата преку вештачката интелигенција (AI) повеќе ќе влијае на жените и со тоа ќе ризикува продлабочување на нееднаквостите со мажите, предупреди генералниот директор на Меѓународната организација на трудот на Самитот за вештачка интелигенција во Париз.
Вештачката интелигенција, а особено генеративната вештачка интелигенција способна да произведува секакви содржини, веќе има влијание врз светот на работата, а познато е дека повеќето од работните места кои ќе бидат автоматизирани ќе бидат оние каде што доминираат жените, рече Жилберт Унгбо на тркалезната маса во Grand Palais во Париз, каде што одржува самит за вештачка интелигенција.
Унгбо рече дека тие категории на работни места ќе бидат „уништени“ и на тој начин „ќе го зголемат јазот меѓу мажите и жените“, додавајќи дека ова треба да се има на ум.
„Ако компаниите можат да ги заменат работниците со роботи, многу е веројатно дека ќе го сторат тоа“, рече Унгбо, повторувајќи ги многуте стравови околу оваа нова технологија која се појави на светската сцена во 2022 година со доаѓањето на ChatGPT, чет-бот од американската компанија OpenAi.
Директорот на агенцијата на ОН, сепак, потсети дека за сега вештачката интелигенција отвора повеќе работни места отколку што затвора, иако постои ризик овие нови работни места да бидат послабо платени и помалку безбедни.
Севкупно, вештачката интелигенција ќе влијае на 2,3 отсто од работните места ширум светот, што е околу 75 милиони работни места, според Меѓународната организација на трудот.
„Луѓето кои пишуваат за телевизија, кои работат во центри за повици, сите тие луѓе се многу загрижени да видат дека AI или ќе ја намали нивната автономија или целосно ќе ги замени“, рече Кристи Хофман, генерален секретар на Глобалната унија UNI.