Со цел сите плати да продолжат да растат, мораме да зборуваме за поголема продуктивност на компаниите

Минималната плата треба да продолжи да се зголемува, тоа е еден од социјалните механизми за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Сепак, како држава мораме да се соочиме со суровата реалност, а тоа е ниската продуктивност на нашата економија. Растот на платите природно е поголем од растот на економијата, поради трошоците на живот. Сепак, она што останува како проблем е производниот капацитет на нашите компании. Растот на македонската економија е 2.5% и истиот е најнизок и во регионот и во Европа. Растот на минималната плата во минатото дал позитивен резултат со поттик на раст на платите. Доколку правиме споредба во однос на 2016-2017 година кога околу 100 000 граѓани земале минимална плата од 9 000-10 000 денари, денеска за минималец од над 24 000 денари работат 21 000 граѓани, што е многу помал % од работната сила. Дополнително, невработеноста која континуирано се намалува и отселувањето на новите генерации на работници вршат засилен притисок врз компаниите за раст на платите и тие продолжуваат да растат.

 

Сепак, и во услови на раст на платите, гледаме дека имаме недостаток на работна сила и непродуктивна економија. Во оваа насока, додека зборуваме за раст на платите, мораме да ја отвориме и дискусијата за автоматизација на процесите, воведување на модерни технологии во производството, а со тоа и зголемување на производот од оваа работна сила. Тоа е така во сите држави. Според Светската Банка, македонската плата брзо ќе расте бидејќи работниците, како друга опција за вработување да ги гледаат земјите од ЕУ, каде платите се повисоки. Овие земји можат да си ги дозволат повисоките плати, поскапото и поквалитетно образование и здравство бидејќи имаат компании кои се продуктивни. Предлогот за зголемена минимална плата со задржување на сегашното ниво на придонеси не е никаква новина. Таа се јавуваше како предлог од коморите кога се воведуваше концептот на минимална плата уште во 2017 година. Овој предлог може да делува како поттик за раст на расположливиот доход на работниците, но тоа создава ризик за системот на социјално осигурување. Намалувањето на придонесите ќе доведе до пониски приходи во буџетот, што би можело да го ослабе пензискиот и здравствениот систем. Дополнително, овој модел би вовел асиметрија во распределбата на трошоците помеѓу државата и работодавачите, што би можело да создаде правна и економска несигурност.

Ако веќе се размислува за прифаќање на овој предлог, тогаш владата треба да размисли за евентуален модел на субвенции на растот на платите, но тие субвенции да бидат таргетирани директно кон работниците, не кон компаниите. Со таков модел компаниите би ги платиле вкупните придонеси на новата, покачена плата, а државата би го субвенционирала фактичкото зголемување на платите, директно на сметките на работниците. Со оглед на тоа што стандардот мора да продолжи да расте, Владата треба да воведе мерки за поддршка на малите и средни претпријатија, како субвенции за иновации и дигитализација, кои би ја зголемиле продуктивноста и би го олесниле финансискиот товар од повисоките плати. Ова е балансиран пристап што ги задоволува интересите на сите засегнати страни, а истовремено придонесува за природен и постојан раст на платите во економијата.