
Шведскиот производител на батерии за електрични возила Northvolt во средата објави дека поднел барање за банкрот, со што стави крај на надежите што Европската унија (ЕУ) ги положи во развојот на конкурентен ривал на азиските производители на батерии.
Во ноември минатата година, шведската компанија побара банкротска реорганизација на Поглавјето 11 во САД, бидејќи нејзините готовински резерви се намалуваа, надевајќи се дека ќе обезбеди пари за решавање на проблемот со зголемување на производството во клучен капацитет во северна Шведска.
„Не можевме да ги обезбедиме потребните финансиски услови за да продолжиме со работењето во нивната сегашна форма“, објави Нортволт, кој вработува повеќе од пет илјади луѓе.
На крајот на јануари годинава долгот на компанијата достигна 8 милијарди долари.
„Стечаен управник назначен од шведскиот суд сега ќе го надгледува процесот, вклучително и продажбата на бизнисот и средствата и подмирувањето на постоечките обврски“, пишува Ројтерс од соопштението на компанијата.
Во ЕУ имаше надеж дека Нортволт ќе ја намали зависноста на западните производители на автомобили од кинеските компании како што е производителот на батерии CATL или производителот на батерии и електрични автомобили BYD.
Нортволт, чиј слоган беше „претвори ја нафтата во историја“, доби повеќе од 10 милијарди долари во различни форми на финансирање од неговото лансирање во 2016 година, а меѓу најголемите акционери се Volkswagen со 21 отсто и Goldman Sachs со 19 отсто.
На почетокот на минатата година, шведската компанија договори зелен заем од пет милијарди долари со кој имаше намера значително да ги прошири своите производствени капацитети, но користењето на овие пари подоцна беше откажано бидејќи се зголемија деловните проблеми.
BMW откажа нарачка од 2 милијарди долари во јуни минатата година, откако Northvolt не ги исполни своите обврски од долгорочниот договор за батерии потпишан во 2020 година.
Поранешниот извршен директор на Нортволт, Питер Карлсон, во ноември минатата година по напуштањето на компанијата изјави дека се потребни 1,2 милијарди долари за да се опорави бизнисот.
Приказната за Нортволт, како што ја опиша европскиот економски тинк-тенк Бригел, може да и послужи на ЕУ сега да избегне повторување на тој случај во време кога Брисел предлага нова рамка за зајакнување на чистите технологии во Европа.
Првичната идеја беше Northvolt да покрие дури четвртина од европскиот пазар на батерии до 2030 година, а за ова компанијата доби значителни пари од јавни и приватни извори. Институционална поддршка дојде од Европската инвестициска банка, ЕУ и германската влада, која потоа привлече приватни инвеститори како Фолксваген.
Тешкотиите станаа сè поочигледни бидејќи фабриката Скелефтеа се соочи со неуспех да ги исполни своите производствени цели. Во 2023 година беше испорачан помалку од еден процент од вкупниот капацитет од 16 гигават-часови. Причината лежи во големата зависност од увозот на катоден материјал од Кина и кинеската машинерија која често бара кинески персонал да функционира, наведува Бригел во својата анализа.
Турбуленциите што го опкружуваат Нортволт ги истакнуваат системските ранливости на чистата технологија во Европа поради постојаната зависност од странски добавувачи за критични материјали, предизвиците за брзо достигнување на големо производство и тешкотијата да се натпреварува со етаблираните азиски конкуренти.











