Состанок на ММФ и Светската банка од денеска до 26 април во Вашингтон

Пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка ќе започне денеска во Вашингтон и ќе трае до 26 април.

Главните теми ќе бидат глобалните предизвици, како што се забавувањето на економскиот раст, должничките кризи, климатските промени и трговските тензии.

Пролетниот состанок во Вашингтон ги собира гувернерите на централните банки, министрите за финансии и развој, членови на парламенти, директори во приватниот сектор, претставници на граѓански организации и академици за да разговараат за прашања од глобално значење.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска до 26 април ќе престојува во работна посета на САД.

За време на престојот таа на покана на македонските здруженија во Чикаго ќе оствари средби со претставници на македонската дијаспора која живее и работи во овој дел од САД, а од 22 април ќе учествува на редовните Пролетни средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

Во рамки на Пролетните средби, кои се одржуваат во Вашингтон, таа ќе оствари средби со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд, на Светската банка, со претставници на Трезорот на САД, како и со повеќе меѓународни финансиски институции.

На состаноците ќе бидат претставени мерките и политиките на Владата за одржување на макроекономскатa стабилност и реформски процеси за унапредување на управувањето со јавните финансии.