Македонското вино Вранец беше претставено во Чешка пред дистрибутерите и увозниците на вино, претставниците на супермаркети, хотели, ресторани и политичари, на Семинарот за македонски вина, јавува МИА.
Македонските вина на винариите Тиквеш, Стоби, Сковин, Далвина, Бовин, Камник, Попов, Езимит, Дудин, Ригоимпекс, на вистинските љубители успешно им го претставија македонското поднебје со голем број сончеви денови, кое придонесува за квалитетот на родот.
Вранец веритас, кој беше дел од специјалната дегустација, е вино од бербата октомври 2011. Грозјето користено за производство на ова вино е од сопствените лозови насади на винаријата, стари повеќе од 30 години, во Вардарското виногорје. Ова вино е одлежано во дабови буриња во барикот на винаријата Стоби. Беше претставено и виното Марков манастир на винаријата Сковин, како и Синтезис на Далвина, Тероир на Камник.
Претставникот на винаријата Тиквеш, Васил Мајнов изрази задоволство од добриот прием на вината на чешкиот пазар.
“На пазарот во Чешка сме претставени со ексклузивни вина кои се претставуваат во специјализираните продавници за вино, а сега ја реализираме новата идеја на нашиот дистрибутер, нашите вина да се продаваат и во цвеќарите, каде виното ќе може да се купи како пригоден подарок”, вели Мајнов.
Тиквеш во Чешка е застапен и со познатата жолта ракија.
Јован Василески, дистрибутер на вината на Бовин исто така има позитивни искуства на чешкиот пазар, посебно нагласувајќи дека најголема побарувачка има на вината произведени од сортата Вранец.
Покрај македонско вино, се дегустираше и традиционална македонска закуска – ајвар, малиџано, лутеница и разни џемови и слатка.
Денот на македонското вино во Прага беше организиран од Здружението на вина од Македонија, со поддршка од македонското Министерство за земјоделство и Амбасадата на Република Македонија во Прага.