Европските берзански индекси нерамномерни, цените на нафтата, златото и пченицата паѓаат

Европските берзански индекси денес се мешани, цените на нафтата, златото и пченицата паѓаат, додека пазарите ја анализираат најновата објава на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека неговите реципрочни увозни тарифи ќе стапат на сила на 1 август.

Американскиот министер за финансии, Скот Бесант, претходно изјави дека увозните тарифи ќе се вратат на нивоата од 2 април за земјите што нема да постигнат трговски договор со САД до август.

Исто така, претседателот Трамп објави дека ќе воведе дополнителни 10 проценти тарифи за секоја земја што се придржува кон „антиамериканската политика“ на организацијата БРИКС, пренесува CNBC.

Индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за 0,37 проценти на 23.853,83 поени денес во 9:15 часот наутро, додека лондонскиот FTSE 100 падна за 0,19 проценти на 8.813,18 поени, францускиот CAC 40 за 0,04 проценти на 7.693,38 поени, а московскиот MOEX за 0,70 проценти на 2.805,74 поени.

Пред денешното отворање, вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones се зголеми за 0,77 проценти на 44.828,53 поени, индексот S&P 500 за 0,83 проценти на 6.279,35 поени, а вредноста на индексот Nasdaq за 1,02 проценти на 20.601,10 поени.

Европските фјучерси за гас за август беа продадени на отворањето на берзата TTF по цена од 33,4 евра за мегават-час.

Според моменталните податоци од берзата, цената на суровата нафта малку се намали на 66.409 долари, а цената на нафтата од типот Брент на 68.103 долари.

Цената на златото падна на 3.311,43 долари за унца, а цената на пченицата на 5,4245 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).

Вредноста на еврото во однос на доларот на Форекс берзата е 1,17572 долари, што е за 0,11 проценти повисока отколку на почетокот на тргувањето.