Странските инвестиции опаѓаат, Македонија и Србија се меѓу земјите кај кои е забележан значителен пад

Според извештајот на Европската комисија, економскиот раст на земјите од Западен Балкан значително забави во првиот квартал од 2025 година, додека Црна Гора забележа највисока стапка на инфлација во регионот, со намалување на девизните резерви и влошување на фискалната рамнотежа.

Економскиот раст на Западен Балкан значително забави во првиот квартал од 2025 година, според извештајот на Европската комисија. Реалниот раст на БДП во регионот падна на 2,3 проценти, од претходните 3,3 проценти.

Сите земји од регионот забележаа послаб раст во споредба со претходниот квартал, а најголемо забавување се случи во Србија, како најголема економија во регионот, каде што растот на производството падна од 3,3 на два проценти, објавува агенцијата Бета.

Сепак, Северна Македонија, Албанија и Косово го одржаа растот над три проценти, според извештајот за економските трендови во земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската Унија.

Економскиот раст главно беше поттикнат од домашната побарувачка, а потрошувачката остана клучен двигател на растот во првиот квартал од 2025 година. Растот на платите во регионот останува висок и е придружен со зголемена потрошувачка на домаќинствата.

Исто така, се наведува дека надворешната трговија се карактеризира со поголем увоз од извоз, што негативно влијаеше на придонесот на меѓународната трговија во БДП.

Стапката на невработеност се намали во повеќето земји од регионот во првите три месеци од оваа година и сега е на историски ниски нивоа, иако е сè уште повисока отколку во Европската Унија.

Во согласност со забавувањето на економската активност, вработеноста исто така ослабе – растот на вработеноста се забави на само 0,2 проценти.

Нето-приливот на странски директни инвестиции во последната година, што заврши во март, се намали во повеќето земји, особено во Северна Македонија и Србија, во споредба со 2024 година.

Девизните резерви беа намалени во некои земји од регионот.

Просечната годишна инфлација се забрза на 3,7 проценти во првиот квартал од 2025 година. Инфлацијата на потрошувачките цени дополнително се зголеми во вториот квартал – од 2,3 проценти во Албанија на 4,3 проценти во Црна Гора, што е највисоко ниво во регионот.

Иако приходите пораснаа силно, владините расходи пораснаа со уште побрзо темпо, што доведе до влошување на фискалната рамнотежа во речиси сите економии на Западен Балкан во текот на првите пет месеци од 2025 година, со исклучок на Северна Македонија, пренесува Инвеститор.ме.

Во земји како Србија и Косово, ова влошување е делумно резултат на значително зголемување на капиталните расходи во споредба со претходната година.

Во Турција, годишниот раст на економијата дополнително забави и во првиот квартал изнесува само два проценти.
Годишната инфлација на потрошувачките цени во таа земја падна на 35 проценти во јуни, најниско ниво од ноември 2021 година, првенствено благодарение на пониските цени на храната.