ЈПДП објави повик за продажба, дистрибуирање и наплата на патарина преку М-ТАГ

ЈПДП бара нови партнери за унапредување на системот за електронска патарина

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) објави Конкурс за склучување договор со правни лица за продажба, дистрибуција и наплата на патарина со уреди за електронска наплата на патарина (ТАГ).

Со измените на Законот за јавни патишта изгласани во Собранието минатиот месец, беше соопштено дека ќе се овозможи поширока мрежа на пристапност за купување и надополнување на уредот М-ТАГ, покрај во канцелариите на Јавното претпријатие и на други локации.

Објавениот конкурс на ЈПДП содржи додатоци за техничка спецификација на микробранови транспондери (ТАГ) за електронска наплата на патарини, како и за техничка спецификација на апликативниот софтвер. “Електронските системи за наплата на патарина мора да овозможат наплата на патарина со употреба на микробранова (DSRC) технологија на работна фреквенција од 5,8 GHz.”

Воспоставениот ETC систем е во согласност со европските стандарди за електронски системи за наплата на патарина (CEN/TC 278) и EN 15509, меѓу другото, со следните стандарди: EN 12253, EN 12795, EN 12834, EN 13372, ISO 14906, ISO 17264, EN 15509, EN 16312, GSS 3,2, EN 15876-1/2TS 12813 + 13140 -1/2 и стандард за радио пренос EN 300 674.

За таа цел, Јавното претпријатие за државни патишта на лентите без застанување има инсталирано микробранови DSRC антени Single Lane Transceiver TRX1320A/E за размена на податоци помеѓу сообраќајната лента и возилата опремени со ТАГ уред. Антените се со микробранова фреквенција од 5,8 GHz и се целосно компатибилни со европските CEN TC278 стандарди според EN15509 стандардот, односно ENV ISO 14907-1:2010 EFC, се вели во конкурсот.

За да може да им се обезбеди на корисниците на патот да ја користат услугата да платат патарина без застанување, потребно е да се набават микробранови транспондери (ТАГ) со минимални технички карактеристики, пропишани во конкурсот.

Секое правно лице со кое ќе се потпише договор треба да обезбеди специјализиран апликативен софтвер за овозможување и следење на услугите кои се предмет на договорот. Апликативниот софтвер треба да овозможи повеќе функционалности меѓу кои и можност електронските уреди за наплата на патарина (таг) купени преку мрежата на трети страни да се активираат преку истиот со слободен избор на видови на плаќање, овозможување на плаќање, контрола и управување. Треба да биде изработен како модерно веб решение, достапно преку било кој модерен веб пребарувач, како и да обезбеди целосна интеграција со постоечкиот систем за наплата на патарини на договорниот орган.

“Како што изјави неодамна за МИА директорот на ЈПДП Коце Трајановски, со малопродажната мрежа за ТАГ-овите, ќе се намали времето на чекање, односно ќе се забрза протокот на сообраќај на наплатните станици, ќе се зголеми ефикасноста на наплатните станици, како и безбедноста во сообраќајот, а воедно и ќе се намалат злоупотребите.”

При користење на уред за електронска наплата на патарина (ТАГ) возилото само ја намалува брзината на возење при што рампата автоматски се отвора.

Електронски систем за наплата на патарините во државава е воведен од јули 2019 година на наплатните станици Романовце, Отовице, Сопот и Градско на Коридорот 10, како и на Петровец. На Коридорот 8 има електронска наплата од 4 април, а наплатната станица Глумово профункционира како целосно електронска на 4 април минатата година, додека Желино, се трансформираше во електронскиот систем еден месец подоцна.

Јавното претпријатие за државни патишта најави и изработка на проектна документација за затворен систем за електронска наплата на патарина на Коридор 8, а веќе изработува документација за реконструкција на наплатната станица Миладиновци за поставување електронски систем за наплата. Од патарини во првата половина од годинава се собрани 1,900.255,930 денари (30,89 милиони евра), што е за 78 милиони денари повеќе во однос на истиот период од минатата година.