
Министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски, објави дека наредниот ден ќе биде објавен повик за доставување финансиски понуди за автопатот Кичево – Букојчани, во должина од 11 километри.
Во текот на своето гостување на ТВ Канал 5, Николоски истакна дека интензивно се работи на автопатските решенија на Коридорот 8, со цел да се запази рокот до крајот на 2028 година, кога треба да има целосен автопат од границата со Бугарија до границата со Албанија.
Автопатот Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година
“На автопатот Кичево Охрид се работи интензивно. На автопатот не се работело добри 7,5 – 8 години и се работи во последните девет месеци, затоа што ни требаа неколку месеци да видиме каква е состојбата, да се соберат документи, да се направи анализа, итн. За овие осум-девет месеци успеавме да ги завршиме првите 20 километри, на крајот на летото ќе пуштиме уште 17-18 километри. Потоа одиме во потешката фаза, остануваат уште 17 километри плус тунели од два километри кои што се завршени, сега се работат пристапните патишта. Очекувам до крајот на следната година како што е согласно законот што е усвоен и рокот што е зададен да го завршиме и првпат да имаме проект кој е завршен во рок, нема да е во првичниот рок, туку во продолжениот рок кој не е зададен од нас туку од претходната влада да го испочитуваме и да се заврши”, изјави Николоски.
Министерот додаде дека активностите продолжуваат и во делот на спојката помеѓу двата автопата, Охрид – Кичево и Букојчани – Скопје. “За Кичево Букојчани задутре излегува повикот за финансиски понуди, го работиме заедно со Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова развој. Има и грант компонентна, тоа се 11 километри, а на Гостивар-Букојчани веќе се работи интензивно, исто така и Гостивар-Тетово. Тетово-Скопје веќе има автопат и крајниот рок што го поставивме е до крај на 2028 година од граница со Бугарија до граница со Албанија, односно од Крива Паланка до Струга и Охрид да има целосен автопат”, заклучи Николоски.











