Згасна регионалната телевизија Ал Џезира Балканс

По 14 години работење, регионалната телевизија Ал Џезира Балканс престана да емитува програма. Сигналот беше исклучен точно на полноќ.

„14 години одговорно новинарство, ви благодариме за довербата“, гласеше пораката на екранот пред телевизијата да се исклучи.

Последните вести од сараевското студио беа емитувани на 12 јули напладне, кога водителот емотивно го потврди крајот на телевизиската програма.

„Драги гледачи, ова беа последните вести на Ал Џезира Балканс. Ви благодариме за речиси 14 години доверба. Ние, целиот тим на Ал Џезира Балканс, сме горди на секој од 4.970 дена што ги поминавме служејќи ви“, рече водителката Далија Хасанбеговиќ.

„Секогаш се обидувавме да бидеме гласот на оние чии гласови не се слушаат, остров на вистината, култура на дијалог и етичко новинарство. Не би можеле да направиме ништо од ова без вашата доверба и поддршка. Ви благодариме што сте со нас. Со ова се одјавуваме од нашето централно студио во Сараево“, заклучи таа во емотивна завршница.

Од 12 јули до крајот на месецот, се емитуваше само претходно снимена содржина. Седиштето на Ал Џезира во Доха објави дека одлуката за прекин на емитувањето е резултат на поширока стратегија насочена кон зајакнување на дигиталното присуство и проширување на нови медиумски платформи.

Ал Џезира Балканс беше филијала на катарскиот медиумски концерн, кој, со седиште во Сараево, го покриваше регионалниот пазар од 2011 година, со канцеларии во Белград, Загреб, Подгорица, Скопјe, Љубљана и Приштина. Беше препознатлив по своите документарни емисии и емитуваше програма на јазик кој не беше ниту арапски ниту англиски – што беше исклучок во рамките на мрежата на Ал Џезира.