Царините на Трамп стапија на сила – Македонија се царини со 15%

Зголемените давачки на американскиот претседател, Доналд Трамп, кои се движат од 10 до 50 проценти, почнаа да важат на полноќ по источно време за производи од клучните трговски соработници на САД. Македонија се најде во најголемата група земји на кои им се воведени царини од 15%, заедно со Исланд, Израел, Јапонија, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Турција, Венецуела и други.

Американската царина почна со наплата на повисоките давачки после неколку седмици на неизвесност околу крајниот износ на давачките и преговорите со трговските партнери со цел нивно намалување.

Производите кои беа натоварени на бродови кои патуваа кон САД и беа во транзит пред истекот на рокот на полноќ, им е дозволено да влезат во државата со пониските претходни давачки пред 5 октомври.

Трамп воведе високи давачки за голем број држави, вклучувајќи 50% за производи од Бразил, 39% за оние од Швајцарија, 35% за Канада и 25% за Индија. Вчера, тој објави посебна давачка од 25% за индиска стока, која ќе биде воведена за 21 ден бидејќи Индија купува руска нафта. “Контратарифите стапуваат на сила на полноќ.”

“Милијарди долари, претежно од земји кои со години ги искористуваа САД со насмевка на лицата, ќе почнат да се влеваат во САД,” напиша Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“.

Осум значајни трговски партнери, кои опфаќаат околу 40% од трговијата со САД, постигнаа рамковни спогодби за трговски и инвестициски отстапки, вклучувајќи ја Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја, и успеаја да ги сведат своите основни царински стапки на 15%. Велика Британија постигна 10%, додека Виетнам, Индонезија, Пакистан и Филипините достигнаа 19% или 20%.