Поднесено барање до пратениците за итно зголемување на минималната плата на 500 евра

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) поднесе официјално барање до Собранието за итно зголемување на минималната плата на 500 евра. Според ССМ, барањето е оправдано и одржливо, имајќи ги предвид економските и социјалните услови во земјата, како и споредбата со земјите во регионот и ЕУ. Синдикатот повикува пратениците да покажат одговорност и да го поддржат предлогот на работниците, со цел зголемување на платите веќе од август 2025 година.
Барањето на ССМ за зголемување на минималната плата е оправдано, потребно и одржано, базирано и на споредбите со другите земји, како и на економските и социјалните услови во Македонија, па од тука бараме Собранието на Република Северна Македонија и пратениците веднаш да пристапат кон Законска процедура и истите да се одважат на нивото на задачата за што се избрани и да го прифатат предлогот на работниците, со што ќе биде овозможено започнувајќи од платата за месец Август 2025 година, работниците во Државата да добиваат зголемена минимална плата како и зголемени плати поради растот на минималната плата.
Потребен е вонреден раст на минималната плата со кој истата ќе се зголеми на 500 евра, за да не се случи во Македонија да имаме најниско платени работниците, а највисоко платени функционери во споредба со земјите во регионот и земјите од ЕУ.
Да видиме кој е за, а кој е против работниците!