
Владата на седница донесе одлука да ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор од најмалку 10% во трговија на големо и најмалку 15% во трговија на мало. Одлуката ќе важи од 15-ти август до 15-ти септември, а трговците се должни, покрај новата намалена цена да ја објават и старата цена која важела на 1-ви јуни, цена која се зема како базична цена на која се утврдува намалувањето.
Исто така, пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, кој е објавен на веб страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: „ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15%“.
Како што соопшти владината прес-служба, со оваа одлука, трговците на мало и големо кои продаваат училишен прибор, односно ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка се задолжуваат своите производи да ги продаваат по ограничена, т.е. намалена цена, односно најмалку 10 отсто во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало, пишува Локално.мк