Секој може да даде предлог: Почна јавна расправа за законот за обновливи извори

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го објави Нацрт-законот за користење на енергијата од обновливи извори на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Јавната расправа за Нацрт-законот преку кој сите заинтересирани граѓани, стручна јавност и релевантни чинители можат да достават свои мислења и предлози трае до 30 август 2025 година, а целосниот текст е достапен на веб-страницата на Министерството и на ЕНЕР.

Како што соопштија од Министерството, со овој закон ќе се уредуваат обновливите извори на енергија како посебна и комплексна област, одвоена од другите енергетски закони.

„Овој закон претставува стратешки чекор напред, со кој обновливите извори на енергија за првпат се уредуваат во посебен закон (Lex specialis), одвоен од останатите енергетски закони – по примерот на голем број земји од регионот и ЕУ. Причината е јасна: обновливите извори на енергија (ОИЕ) претставуваат сложена, но сè поважна и динамична област, со огромно влијание врз економијата, екологијата и енергетската независност“, се наведуваа во соопштението.

Најзначајните новини во Нацрт-законот вклучуваат воведување на нов финансиски механизам наречен „Договор за пазарно порамнување на разликата“ (two-way contract for difference). Овој механизам гарантира финансиска стабилност за производителите на енергија од обновливи извори и ги штити потрошувачите од екстремни ценовни флуктуации.

Законот е целосно усогласен со последните промени во европското енергетско право, пред сè со RED III Директивата, која ја регулира промоцијата и користењето на обновливите извори и е обврска за земјите-членки на Енергетската заедница.

Клучни елементи на Нацрт-законот:

  • Јасно дефинирани национални цели за зголемување на уделот на ОИЕ во бруто потрошувачката на енергија.
  • Воведување на нов финансиски механизам – „Договор за пазарно порамнување на разликата“ (Two-way contract for difference), кој гарантира стабилност и предвидливост на приходите за производителите на енергија од обновливи извори, а истовремено ги штити потрошувачите од екстремни ценовни флуктуации.
  • Законско регулирање на нето-мерењето (Net metering) и нето-пресметката (Net billing), кои овозможуваат поефикасно користење и пласирање на произведената електрична енергија од домаќинствата и бизнисите.
  • Поддршка за долгорочни инвестиции и забрзан развој на ОИЕ во секторите греење, ладење и транспорт.
  • Регионална соработка и интеграција на обновливите извори во енергетските пазари, со гаранции за потекло на енергијата.
  • Обврзници за одржливост и намалување на емисиите на стакленички гасови.
  • Појасни правила за создавање заедници за обновливи извори на енергија  -групи граѓани, компании, правни лица  здружени на доброволна основа и го стимулира колектривното локално производство и потрошувачка на енергија од обновливи извори, со цел обезбедување на  еколошки, економски или социјални интереси за заедницата  или за општината.

Kако што соопштуваат од Министерството, законот првпат целосно го регулира системот на нето-мерење (net metering) и нето-пресметка (net billing). Преку овие механизми, вишокот на произведена енергија може да се користи за следните периоди како енергетски депозит или како финансиско намалување на сметките, што овозможува поголема енергетска ефикасност и активна улога на потрошувачите како производители.

Во законот се вградени и мерки за поддршка на долгорочни инвестиции, развој на обновлива енергија во сектори како греење, ладење и транспорт, како и регионална соработка за интеграција на обновливите извори во енергетските пазари со гаранции за потекло на енергијата. Поставени се и обврзници за одржливост и намалување на емисиите на стакленички гасови.