Ќе се реконструира пругата Скопје – Кичево

Владата донесе одлука за почнување подготвителни работи за целосна реконструкција на железничката линија од Скопје до Кичево на Коридиорот 8. ЕУ ќе обезбеди 5,3 милиони евра грант за физибилити студија, а водечка финансиска институција ќе биде Европската банка за обнова и развој која ќе одбере консултант, по што ќе се оди кон втората фаза – работа на терен, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Како што истакна Николоски на прес-конференција, линијата е во лоша состојба и по неа сега е невозможно да се движат возови.

-Затоа решивме прво да ја реконструираме, а потоа да ставиме модерна сигнализација и да ја електрифицираме. Дури и да беше во добра состојба, по железницата ќе оперираа само дизел локомотиви, рече Николоски.

Реконструкцијата ќе овозможи, потенцира вицепремиерот, поврзување на Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар – Кичево.