Чекањето на Евзони станува минато – Грција започнува голема реконструкција на граничниот премин

Проектот „Надградба на граничниот премин Евзони – Килкис“ на Министерството за внатрешни работи на Грција предвидува архитектонско и енергетско подобрување на постоечките објекти и инфраструктура, сообраќајно подобрување на патната мрежа преку прераспоредување на активностите, како и обезбедување на неопходните услови за значајно унапредување на услугите за пасошка, царинска, фитосанитарна и ветеринарна контрола, пренесе дописничката на МИА од Атина.

Според одлуката на надлежниот министер Теодорос Ливаниос, објавена вчера, проектот за модернизација на граничниот премин кон нашата земја од грчка страна, вклучен во „Програмата за јавно-инвестициски проекти на Министерството за внатрешни работи за периодот 2021 – 2025“, е во вредност од 24,6 милиони евра, а има за цел „да го олесни прекуграничното движење и трговија, да ја зголеми ефикасноста на граничните контроли, да го намали времето на чекање за патници и возила, да ја зголеми соработката на земјата со С.Македонија, а со тоа да придонесе за зајакнување и подобрување на добрососедските односи“.

Понатаму, со модернизацијата Грција ќе се усогласи и со релевантните ЕУ регулативи кои ја уредуваат прекуграничната размена на лица и стоки, како што се: Регулативата за системот Шенген, Системот за влез-излез (ЕЕС); Системот ЕТИАС, со Европската гранична и крајбрежна служба ФРОНТЕКС (ЕУ 2019/1896), Царинскиот кодекс на ЕУ) и со Фитосанитарните и ветеринарните прописи.

Како што е наведено во одлуката на грчкиот министер, датумот на почеток на проектот е 12 август 2025 година, а „датумот на завршување на проектот се определува на 31 декември 2027 година“, додека вкупната вредност на проектот изнесува 24.625.695,05 евра.

Генералниот секретар на децентрализираната администрација на регионот Македонија – Тракија, Димитрис Галаматис, изјави дека интервенциите на граничниот премин Евзони „се од клучно значење“, а проектот значително ќе придонесе за нормализирање на движењето на граѓаните, како и за побрзо спроведување на процедурите при преминување на границата.

„За да се разбере неопходноста на овие интервенции, индикативен е бројот на годишни преминувања преку Евзони, кој достигнува 2,5 милиони.

Факт што го прави граничниот премин Евзони најголемата копнена порта за влез во земјата.

Неговата надградба е императив, бидејќи моменталната ситуација, меѓу другото, ги отежнува процедурите за пасошка, царинска, ветеринарна и фитосанитарна контрола.

Надградбата на преминот претставува значајна инвестиција за регионот, зајакнувајќи ја националната економија и олеснувајќи ја регионалната соработка.

Станува збор за проект од национално стратешко значење“, истакна Галаматис.

Модернизацијата на копнените гранични премини на Грција, меѓу кои и оној кон нашата земја, беше најавена на почетокот на годинава, додека пред три месеци заменик-министерот за внатрешни работи надлежен за областа Македонија-Тракија, Константинос Јулекас, одржал состанок на граничниот премин Евзони.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, на средината на јануари годинава, осврнувајќи се на заложбите на Владата за 2025 година, го спомена и подобрувањето на работата на граничните премини и објасни дека надградбата започнува со преминот Кипи во Еврос кон Турција, а потоа ќе следи надградба на сите главни копнени гранични премини (Кастаниес кај Еврос, Евзонои, Лемос во Преспа, Какавија и Кристалопиги).

„Нивната сегашна слика не е соодветна за европска држава како Грција.

За прв пат по децении, ќе се изврши градежна и технолошка обнова на сите централни влезни/излезни точки во земјата, со цел побрзо да се опслужуваат посетителите и трговскиот транспорт.

Намалувањето на времето на чекање на влезовите и излезите на земјата ќе придонесе за економска и туристичка стимулација на северна Грција, од Тракија до Епир“, напиша тогаш Мицотакис.

На граничниот премин Евзони-Богородица, поради големиот број туристи не само од нашата земја туку и од балканските и централноевропските држави, се формираат колони возила, а чекањето за влез во Грција, доста често, особено во летото, трае со часови.