Туризмот донесе 15,5 милијарди евра во Хрватска оваа година

Иако неодамнешните податоци објавени од Хрватскиот туристички завод покажаа дека два проценти помалку туристи престојувале во Хрватска во јули отколку во истиот период минатата година, министерот за туризам Тончи Главина минатиот викенд изјави дека бележат рекордни резултати – два проценти повеќе во пристигнувањата и еден процент во ноќевањата.

„Резултатите генерирани во предсезоната се рекордни, а имаме индиции дека и постсезоната ќе биде добра, што е идеално сценарио“, рече Главина, пренесува Пословни дневник. Тој изјави дека, според податоците на Даночната управа, досега се фискализирани сметки во вредност од пет милијарди и 414 милиони евра, што значи дека приходите се зголемиле за 10,4 проценти. Затоа се проценува дека приходите од туризмот би можеле да достигнат 15,5 милијарди евра оваа година.