
До крајот на јуни 2025 година, Франција (78.000) и Шпанија (77.000) примиле повеќе барања од Германија (70.000), која е главна дестинација за барателите на азил во последните години, објавуваат медиумите.
Во првите шест месеци од оваа година, земјите од ЕУ, заедно со Норвешка и Швајцарија, примиле вкупно 399.000 барања за азил, што е намалување од 23 проценти во споредба со истиот период во 2024 година.
Поточно, бројот на барања од сириски граѓани се намалил за околу 25.000, по падот на режимот на Башар ал-Асад во декември минатата година.
Германија (43 проценти), Италија (25 проценти) и Шпанија (13 проценти) забележале најголем пад, додека бројот на барања во Франција останал речиси непроменет. Овие четири земји заедно сочинуваат речиси три четвртини од сите барања во ЕУ.
Народот на Венецуела го презеде приматот од Сиријците
Мигрантите од Венецуела станаа најголемата група баратели на азил во ЕУ: во првата половина од 2025 година, тие поднеле околу 49.000 барања, што е за една третина повеќе од претходната година. Така, по една деценија, тие го презедоа приматот од Сиријците, покажува анализата на EUAA.
Експертите веруваат дека ова зголемување е поврзано со построгата имиграциска политика на САД, каде што администрацијата на Доналд Трамп ја укина привремената заштита за повеќе од 250.000 Венецуелци. Спротивно на тоа, граѓаните на Венецуела можат да влезат во ЕУ без виза и да останат до 90 дена, што им овозможува директно да аплицираат за заштита во европските земји.
Шпанија е главната дестинација, дури 93 проценти од барањата се поднесени таму, благодарение на заедничкиот јазик и веќе постоечката дијаспора.











