
Еврото годинава порасна за повеќе од 12% во однос на доларот, а Голдман Сакс, ЏП Морган и УБС очекуваат наскоро да ја пробие психолошката граница од 1,20 долари. Експертите предупредуваат дека силниот раст би можел да ги погоди извозниците и да отвори нови прашања за ЕЦБ.
Најголемиот раст на еврото од 2017 година, според прогнозите на водечките банки на Волстрит, е само на почетокот. Глобалните инвеститори сè повеќе ја хеџираат изложеноста на американскиот долар, што би можело да ја турне единствената европска валута над 1,20 долари.
Еврото порасна за повеќе од 12% во однос на доларот од почетокот на годината, достигнувајќи четиригодишен максимум од 1,19 долари. Комбинацијата од оптимизам за растот во еврозоната и загриженост за политиките на американскиот претседател Доналд Трамп создаде, како што го опиша шефицата на ЕЦБ, Кристин Лагард, „глобален евро момент“.
Големите инвестициски банки – Голдман Сакс, ЏП Морган и УБС – веруваат дека еврото, кое моментално е на ниво од 1,17 долари, наскоро ќе ја пробие границата од 1,20, додека Федералните резерви на САД продолжуваат да ги намалуваат каматните стапки. Голдман Сакс очекува раст до 1,25 долари во следните 12 месеци, ЏП Морган предвидува 1,22 долари до март, а УБС 1,23 долари до крајот на годината.
Клучен двигател е наглото зголемување на побарувачката за хеџирање – инвестиција што ги штити инвеститорите од флуктуациите на доларот. Аналитичарите предупредуваат дека ова е само „врвот на ледениот брег“. Се издвојуваат големите пензиски фондови што го зголемуваат нивото на заштита, што дополнително го ослабува доларот.
Сепак, зајакнувањето на еврото носи и ризици: извозниците веќе предупредуваат на пад на профитот, а ЕЦБ може да биде принудена да разгледа нови потези и уште пониски стапки ако девизниот курс ја премине „црвената линија“ од 1,20 долари.
Прогнозите не се единствени – додека повеќето банки предвидуваат континуирано зајакнување на еврото, „Сити“, од друга страна, очекува тоа да падне на 1,10 долари во следните 6 до 12 месеци, во случај на закрепнување на американската економија. На долг рок, сепак, многу аналитичари гледаат структурна промена: глобалните централни банки планираат да го зголемат уделот на еврото во своите резерви, што би можело дополнително да ја зајакне позицијата на заедничката валута.
Фото: Pixabay











