Два милиона евра се предвидени со шестиот јавен повик за маркетиншка поддршка на земјоделските производи во примарното производство и во преработувачките капацитети, соопштија заменик министерот за земјоделие Зоран Коњановски и директорот на Платежната агенција Тони Димовски. Заинтересираните имаат можност да поднесуваат барања за кофинансирање инвестиции до крајот на декември. Станува збор за набавка на трактори за примарно производство, како и опрема за преработка. Корисници на поддршката се сите физички и правни лица запишани во регистарот на земјоделските стопанства.
Според директорот на Платежната агенција, Тони Димовски, станува збор за континуитет на мерките за унапредување на земјоделството преку воведување нова опрема и механизација што овозможува поголеми приноси. Димовски потсети дека е во тек и петтиот оглас за поддршка на извезено флаширано вино, преработен зеленчук извезен во стаклена амбалажа и на извезен ориз во пакување.
Согласно јавниот повик, компаниите што го пласираат виното надвор од Македонија ќе добијат средства за покривање 20% од трошоците за етикети, купување шишиња, тапи и ПВЦ навлаки или максимум шест денари од шише, додека преработувачите на зеленчук и овошје до два денара од тегла, за набавка на тегли, метален капак и етикети.
Заменик- министерот за земјоделие Зоран Коњановски посочи дека сите преработувачи кои годинава оствариле поголем извоз од лани ќе користат поголема поддршка, до четири денари за тегла. Тој апелираше земјоделците да аплицираат и на јавниот повик за земјоделските задруги кој е во тек и предвидува покривање 90% од трошоците за набавка на трактори, како и 100 процентно покривање на платите на менаџерите на задругите. Се кофинансираат и трошоците за осигурување на родот кај индивидуалните земјоделци организирани во задруги, во висина од 80%.
„Се поголем е интересот за формирање задруги, а објавениот оглас е уште една потврда за поддршката на производителите кои својата иднина ја гледаат здружени во кооперативи. Само неколку месеци по донесувањето на Законот се формирани шест земјоделски задруги”, изјави Коњановски.
Во следните десетина дена ќе биде објавен и огласот за кофинансирање на платите на лицата вработени во сточарството, односно плати за овчарите. Преку Платежната агенција ќе им бидат исплатени средствата на овчарите кои минатата година работеле во оваа дејност.
Во врска со објавувањето на јавните повици за финансиска поддршка, Коњановски и Димовски нагласија дека минатата година биле извезени 1,150 милиони хектолитри вино, а рекорден пласман реализира и индустријата за преработка на овошје и зеленчук. Од 2009 до 2012 година, пак, во функција се 1.200 трактори и приклучна механизација. Кофинансирани беа и системи за наводнување.