Еврозоната треба да ги зајакне врските со земјите кои се најмногу погодени од американските царини

Европа мора брзо да дејствува за да ја зајакне глобалната улога на еврото, бидејќи единствената можност за ова наскоро би можела да помине. Во исто време, ЕУ треба да се стреми да воспостави подобри и посилни врски со земјите кои се најпогодени од американските царини, изјави во четврток гувернерот на француската централна банка, Франсоа Вилерој де Гало.

Непредвидливата економска политика на САД оваа година ја разниша довербата на инвеститорите во американскиот долар, но Европа досега се мачеше да ја искористи можноста што се нуди, бидејќи работи премногу бавно за да ги воведе потребните промени, поради неодлучност, внатрешни несогласувања и голема бирократија.

Во презентацијата во која зборуваше за можните чекори што Европа би можела да ги преземе, Вилерој  рече дека времето е од суштинско значење и дека ЕУ треба да постави рок за потребните промени, како што е 1 јануари 2028 година, за нивно спроведување.

„Ако не реагираме доволно брзо, сериозно ризикуваме да го затвориме прозорецот за такви можности“, рече Вилерој во говорот во Луксембург. Еврото како глобална валута би можело да се истакне повеќе ако ЕУ издава повеќе фактури за надворешна трговија во евра, а сега е добра можност да се направи тоа со земјите кои се особено погодени од трговските мерки на САД и нивните царини.

„За тоа, би можеле да ги искористиме трговските преговори на ЕУ со партнери кои се сериозно погодени од новите американски протекционистички мерки, како што се Индија, Швајцарија, Индонезија“, рече Вилерој. За да ја поддржи таквата трговија, Европската централна банка (ЕЦБ) би можела да ја прошири достапноста на ликвидни линии во евра за централните банки лоцирани надвор од еврозоната.