Земјоделците од Новаци се запознаа со последиците од прекумерната употреба на пестициди

43

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и ЈЗУ Центарот за јавно здравство-Битола, во општина Новаци одржаа јавна едукативна трибина на тема Користење на пестициди и вештачки ѓубрива во земјоделското производство.
Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци, посочи дека јавната едукативна трибина е дел од серијалот на директни средби меѓу претставниците на АПРЗ и земјоделците на Новаци со цел да се запознаат со најновите агро новости и проекти.
“Целта на овие трибини е навремено и правилно да ги едуцираме земјоделците за тие да имаат здрав земјоделски производ кој ќе биде конкурентен на пазарот. Едукативната работилница има за цел да го зголеми знаењето на земјоделците за користењето и правилната употреба на пестицидите и минералните, вештачките ѓубрива, како и здравствените ефекти од нивната прекумерна употреба”, рече Котевски.
“Пестицидите се хемикалии кои ако не се употребуваат правилно може да предизвикаат сериозни здравствени последници. Ако прекумерно се употребуваат во земјоделството тогаш ќе имаме нездрави и штетни земјоделски производи кои можат да бидат забранети од инспекциските служби”, додаде Михајло Илиевски, раководител на одделение за регионот на Битола.
Советодавната улога на АПРЗ е важна за пелагонските земјоделски производители, особено за начинот и примената на производите за заштита на растенијата и начините за водење на евиденција за извршените мерки за заштита на посевите и насадите.