
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја повика Европската Унија посилно да го поврзе фрагментираниот пазар на капитал и да ги намали административните бариери кои, како што вели тој, го попречуваат развојот на европските компании.
Неговата визија за следната фаза од европската интеграција е да создаде нешто како европски Волстрит, единствен пазар на капитал.
„На Европа ѝ е потребна сопствена берза каде што успешните компании, како што е германската BionTech, би можеле да се финансираат без да мора да одат на њујоршката берза. Мораме да им обезбедиме на нашите компании длабок и ликвиден пазар на капитал што ќе им овозможи побрзо да растат“, рече Мерц во Бундестагот.
Помалку бирократија, повеќе пазар
Мерц го поврза својот повик до Европската комисија со барањето за „сериозна дебирократизација“ на финансискиот систем. Само со укинување на прекумерната регулатива и документација, верува тој, вредноста создадена од европските иновации може да остане во Европа. „Ова е единствениот начин пазарот на капитал да придонесе за создавање богатство во општеството“, додаде тој.
Неговите зборови доаѓаат во време кога сè повеќе европски компании за технологија и иновации избираат да собираат средства во Соединетите Американски Држави. Меѓу нив се Linde, Birkenstock Holding и BioNTech – компании кои се одлучија за Волстрит наместо за европските берзи.
Иницијативата на Meрц не е само административна реформа, туку и обид за ослободување на европските финансиски пазари од прекумерна регулација и ригидни правила. Клучното прашање, сепак, останува: дали создавањето нов финансиски центар во Европа може да го запре „одливот на капитал“ кон САД?
Се проценува дека само Германија минатата година изгубила околу 64,5 милијарди евра поради одлив на капитал, што укажува на подлабоки структурни проблеми: преоптоварен регулаторен систем, високи даноци и растечки трошоци за енергија.











