Пад на огласите за работа – ВИ ги заменува административните професии

Бројот на огласи за работа во Швајцарија се намалува, а развојот на вештачката интелигенција (ВИ) сè повеќе влијае на административните и канцелариските занимања, според анализата објавена денес од Адеко.

Според редовниот извештај на Адек, бројот на слободни работни места во Швајцарија во вториот квартал од 2025 година се намалил за 0,2 проценти во споредба со претходните три месеци и за 5,6 проценти на годишна основа, додека индексот на швајцарскиот пазар на труд изнесувал 133 поени.

Овој индекс, кој е развиен во соработка со Универзитетот во Цирих, ги мери долгорочните трендови на вработување, со вредност од 100 што ја претставува состојбата во 2012 година. Ова значи дека бројот на огласи за работа е сè уште за една третина повисок отколку пред една деценија, но дека трендот сега се врти кон мало опаѓање, што укажува на забавување на пазарот на трудот.

Швајцарската економија речиси стагнираше во вториот квартал од 2025 година поради пад на извозот и зголемени американски царини. Воведувањето на намалено работно време помогна делумно да се стабилизира пазарот на трудот, изјави експертот на Адеко, Марсел Келер.

Најновата анализа се фокусира конкретно на канцелариските и административните занимања, кои ја сочинуваат најголемата професионална група во земјата.

Овие занимања се најпогодени од развојот на вештачката интелигенција – бројот на слободни работни места во овој сектор е намален за 17,4% од 2023 година, објавува швајцарскиот инфо портал.

Експертите на Адекo нагласуваат дека високото образование не обезбедува автоматска заштита од влијанието на технологијата на вештачката интелигенција.

Се препорачува зајакнување на континуираното образование, развивање на дигитални и аналитички вештини, како и редефинирање на работните улоги во согласност со новата технолошка средина.