„Јасно како бел ден: минималната плата ќе расте само по закон, ништо повеќе“, вели Јовановиќ

Иако годинава ќе зaврши со инфлација од близу 4% , далеку повисока во однос на првично проектираната од 2,7%, зголемување на минималната плата нема да има. Сојузот на синдикати на Македонија побара „вонредна“ корекција на минималецот, но од Владата возвратија дека следното зголемување ќе биде во март, 2026- та година, согласно законското усогласување.

Битката за поголем пораст на минимална плата ќе се „прелее“ и во следната година во која повторно Владата проeкетираше пониска стапка на инфлација, од 2,5% но сегашните прогнози упатуваат на ризици од нови ценовни притисоци.

„Мислам дека е јасно како „бел ден“ дека оваа Влада нема намера да ја зголемува минималната плата повеќе од годишното усогласување кое што е предвидено со закон. Веројатно ни тоа не би го направиле, ама е влезено во закон, па мораат. Постојано смислуваат некакви квази оправдувања –  де да се договореле синдикатите и работодавачите, де пресметките на синдикатот не биле добри, де растот на плати ќе предизвикал инфлација. Сѐ тоа се само лоши изговори, вистинската причина е дека оваа влада работи за бизнисмените и дека им се поважни нивните профити отколку платите и стандардот на работниците“ – вели за „Локално“, економистот Бранимир Јовановиќ.

Од ССМ објавија истражување според кое Македонија е на „опашката“ не само на европско туку и на регионално ниво во однос на висината на минималната плата.