Македонската Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и босанската Канцеларија за хармонизација, координација на системот за плаќања во земјоделството, храната и руралниот развој ќе ја унапредуваат соработката во процесот за пристапување на државите кон Европската унија.
Директорите на двете институции Тони Димовски и Хамдија Чивиќ потпишаа меморандум за соработка во функција на унапредување и продлабочување на соработката во областа на финансиската поддршка во земјоделството и руралниот развој.
“Со потпишаната спогодба, се изрази подготвеност за натамошно посеопфатно продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете агенции во областа на имплементација на мерките за директни плаќања во земјоделството и мерките од ИПАРД Програмата, со главна цел размена на знаења и искуства во делот на користењето на претпристапните фондови за рурален развој од ЕУ што би овозможило остварување на поуспешна интеграција во ЕУ”, се вели во соопштението на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Покрај размена на информации и искуства, воспоставувањето на соработката ќе се одвива и преку организирање заеднички состаноци, конференции, семинари за управување со фондовите на ЕУ преку ангажирање стручни вработени лица од двете Агенции и размена на советодавни едукации и консултации на стручни лица од една Агенција за вработените лица во друга Агенција.
“Имајќи предвид дека споделувањето знаења и искуства од претпристапниот и пристапниот процес кон ЕУ се оценува како исклучително важна и добра пракса за земјите кои ги користат средствата од претпристапните фондови на ЕУ како што е Република Македонија, Агенцијата ќе продолжи да ги зајакнува добрите односи со платежните агенции во регионот и пошироко”, се вели во соопштението.