
Старбакс, некогаш сеприсутен на улиците на Њујорк, Лос Анџелес и други американски метрополи, со години го гради имиџот на кафуле на секој агол од градот.
Но, таа ера завршува бидејќи познатиот синџир почна да затвора стотици свои продавници оваа година, сигнализирајќи голема промена во деловната стратегија, пишува CNN.
Во еден момент, нивното проширување изгледаше како да нема граници, што стана тема на шеги. Во 1998 година, сатиричниот портал The Onion објави наслов „Нов Старбакс се отвора во тоалетот на постоечки Старбакс“, а неколку години подоцна комичарот Луис Блек се пошегува дека на „крајот на просторот“ во Хјустон видел Старбакс веднаш спроти друг.
Сепак, денес Старбакс се соочува со сериозни предизвици. Идејата дека кафулињата треба да бидат на секој чекор за да привлечат зафатени луѓе на пат кон работа повеќе не функционира, под притисок на силната конкуренција, работата од далечина и зголемените трошоци за водење бизнис.
Затоа новиот извршен директор Брајан Никол, кој минатата година застна на чело на компанијата со задача да го оживее бизнисот, ја напушта идејата за кафетерии една до друга. Како дел од планот за реструктуирање вреден милијарда долари, „Старбакс“ затвора околу 400 локации низ Америка, претежно концентрирани во главните метрополитенски области.
Само во Њујорк беа затворени 42 локации, што е 12% од вкупниот број во градот.
Никол сега се обидува да го репозиционира „Старбакс“ како таканаречено „трето место“, односно пријатно место за седење и престој помеѓу домот и работата.
Синџирот спроведе ревизија на своите повеќе од 18.000 локации во САД и Канада и затвори локации кои имаа слаби резултати или не можеа да ги исполнат стандардите, изјави портпаролот на компанијата. За 2026 година беше најавено отворање на нови и реновирање на постојните продавници, вклучувајќи ги и оние во поголемите градови, „со освежен дизајн и подобрени искуства што го одразуваат брендот Старбакс“.











