Лагард: 358 милиони Европејци денес го користат еврото

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, изјави дека, по пристапувањето на Бугарија во еврозоната, околу 358 милиони Европејци сега го користат еврото како валута на дневна основа.

– Бугарија стана 21-та земја што го усвои еврото, а околу 358 милиони Европејци ја користат нашата единствена валута секој ден – напиша Лагард во објава на социјалните мрежи во петокот.

Еден ден претходно, претседателот на ЕЦБ ја поздрави Бугарија во „евросемејството“, како и гувернерот на Народната банка на Бугарија, Димитар Радев, кој со тоа стана член на Управниот совет на ЕЦБ во Франкфурт.

Зборувајќи по повод официјалниот влез на Бугарија во еврозоната, Лагард истакна дека еврото е моќен симбол на она што Европа може да го постигне кога дејствува заедно, нагласувајќи дека заедничката валута ги одразува заедничките вредности и колективната сила на континентот.

Според неа, Еврозоната претставува и важна поддршка во справувањето со глобалните геополитички и економски неизвесности со кои се соочува Европа во моментов.

По повод овој настан, Европската централна банка го одбележа влезот на Бугарија во еврозоната со светлосна инсталација проектирана на фасадата на нејзиното седиште во Франкфурт, што симболично означи уште една рунда на проширување на монетарната унија.