Дигиталното евро е клучно за намалување на зависноста на Европа од Америка

Повеќе од 60 економисти ги повикаа европратениците да го поддржат дигиталното евро, предупредувајќи дека еврозоната би можела да „изгуби контрола“ врз сопствените пари и да стане уште позависна од американските компании ако проектот не успее, објавува „Фајненшл тајмс“.

– Силното јавно дигитално евро не е луксуз или дополнителна опција, туку неопходна заштита на европскиот суверенитет, стабилност и отпорност – наведуваат економистите во отворено писмо упатено до пратениците пред сослушувањата во Европскиот парламент.

Европскиот совет го поддржа планот на Европската централна банка (ЕЦБ) за лансирање на електронски еквивалент на готовина до 2029 година. Сепак, сè уште не е јасно дали предлогот ќе го добие потребното мнозинство во Европскиот парламент на клучно гласање подоцна оваа година. Вкупно 68 потписници на писмото, вклучувајќи европски академици како Французинот Ерик Моне, Германецот Јан Питер Кранен и Даниела Габор, предупредуваат дека Европа е премногу зависна од американските услуги за дигитално плаќање. Ова, според нив, потенцијално ја изложува на „геополитички притисок, странски комерцијални интереси и системски ризици надвор од европската контрола“.

Економистите истакнуваат дека дури тринаесет земји во Еврозоната немаат никаква домашна опција за дигитално плаќање, туку целосно се потпираат на меѓународни системи за картички како што се Visa, Mastercard и PayPal. Без директно да го спомене американскиот претседател Доналд Трамп, писмото се осврнува на „неодамнешните настани“ што ги направија овие ризици „повеќе од само теоретска можност“.

– Европа ќе ја изгуби контролата врз најфундаменталниот елемент на нашата економија – нашите пари. Силното јавно дигитално евро е нашата единствена одбрана – се вели во писмото што беше испратено до сите 720 членови на Европскиот парламент во петокот и беше видено од Financial Times.

Од друга страна, европската банкарска индустрија лобира за намалување на обемот на проектот за дигитално евро. Во ноември, 14 од најголемите банки во регионот, вклучувајќи ги Дојче Банк, БНП Парибас и ИНГ, предупредија дека дигиталното евро може да ги поткопа напорите на приватниот сектор во Европа да се натпреварува со американските платни системи.

Германскиот одбор на банкарската индустрија, најважната банкарска интересна група во земјата, ги критикуваше плановите на ЕЦБ како премногу сложени и премногу скапи, тврдејќи дека тие нудат „малку конкретни придобивки за потрошувачите“. Фернандо Наварете, конзервативен член на Европскиот парламент од Шпанија, кој беше назначен од Парламентот да го оцени проектот за дигитално евро, исто така е за значително намалена верзија на проектот. Во писмото, економистите ги повикуваат носителите на одлуки во ЕУ да „се спротивстават на кратковидното финансиско лоби“.

Отвореното писмо го започнаа академскиот тинк-тенк „Sustainable Finance Lab“ со седиште во Утрехт и холандската банка „Triodos“, фокусирана на одржливи финансии, која го поддржува планот на ЕЦБ. Главниот економист на Триодос банка, Ханс Стегеман, еден од потписниците на писмото, изјави дека верува оти другите банки се плашат да не изгубат значителен дел од депозитите на граѓаните, кои во моментов претставуваат евтин и предвидлив извор на финансирање. Според сегашните планови, секој поединец би можел да чува до три илјади евра во својот дигитален паричник, а овие пари нема да им бидат достапни на приватните банки како депозит.

– Сакаме финансиски систем кој му служи на општеството, а не обратно – рече Стегеман, додавајќи дека јавниот систем за електронско плаќање е важен дел од таков систем.