Европските берзи паѓаат, гасот со нови цени

Европските берзански индекси денес се претежно во пад, а енергетските пазари се загрижени поради насилните конфликти во Иран и заканата од Соединетите Американски Држави да интервенираат воено во таа земја и да воведат царини од 25 проценти за сите земји што тргуваат со Техеран.

Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна го омекна тонот и изјави дека добил уверенија дека егзекуциите во Иран се прекинати и дека ќе почека понатамошен развој на ситуацијата пред да одлучи за евентуална воена акција.

Покрај тоа, Трамп постојано изјавуваше дека Соединетите Американски Држави сакаат да ја преземат контролата врз данската територија Гренланд, а не ја исклучи и воената сила за да се постигне оваа идеја, на која се спротивставија официјален Копенхаген, како и други земји-членки на Европската Унија и НАТО, пренесува CNBC.

Состанокот во Белата куќа за иднината на Гренланд, што се одржа во среда, потврди дека ставовите на Вашингтон и Копенхаген значително се разликуваат, поттикнувајќи неизвесност на берзите.

Денес во 9:30 часот, индексот DAX на Франкфуртската берза падна за 0,15 проценти на 25.330,18 поени, францускиот CAC 40 за 0,17 проценти на 8.299,36 поени, британскиот FTSE 100 за 0,21 процент на 10.219,85 поени, додека московскиот MOEX порасна за 0,95 проценти на 2.727,16 поени.

Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones порасна за 0,6 проценти на 49.442,44 поени, вредноста на индексот S&P 500 за 0,26 проценти на 6.944,47 поени, а вредноста на индексот Nasdaq за 0,25 проценти на 23.530,02 поени.

Европските фјучерси за гас за февруари беа продадени денес на отворањето на берзата TTF по цена од 33.950 евра за мегават-час.

Според моменталните податоци, цената на суровата нафта се искачи на 59.209 долари, а цената на нафтата од типот Брент падна на 63.740 долари.

Цената на златото падна на 4.606,64 долари за унца, а цената на пченицата се искачи на 5,1127 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).

Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс е 1,16120 долари, што е за 0,03 проценти повисока отколку на почетокот на тргувањето.