Голем пресврт на францускиот гигант: Рено влегува во воената индустрија

Францускиот производител на автомобили „Рено“ влегува во секторот на одбранбената индустрија преку ново партнерство со домашната воена компанија „Туржис и Гајард“, потврдено во извештај на „Ројтерс“. Станува збор за соработка во развојот и производството на воени дронови, што претставува значаен стратешки пресврт за една од најпознатите европски автомобилски компании.

Според достапните информации, проектот се спроведува на иницијатива на француското Министерство за вооружени сили, под надзор на Генералната дирекција за вооружување (DGA), клучната државна институција одговорна за набавка и развој на воена опрема во Франција.

Зошто Рено?
Во овој проект, француските власти сметаат на индустриските капацитети на Рено, искуството во масовното производство и оптимизацијата на трошоците, кои се клучни фактори во време кога европските земји брзо ги зајакнуваат своите одбранбени капацитети. Беспилотните летала станаа централен елемент на модерното војување, а побарувачката за нивно брзо и сериско производство брзо расте.

Од Рено беше објавено дека компанијата не влегува самостојно во развојот на оружје, туку дека нејзината улога вклучува индустриска и производствена поддршка, додека Туржис и Гајард ќе бидат задолжени за воено-технолошкиот дел од проектот.

Што е познато за проектот?
Ројтерс објави дека станува збор за воена програма, но детали како што се точните локации на производство, динамиката на испорака и финансиската вредност на договорот сè уште не се објавени. Исто така, Рено не прецизираше дали производството ќе се одвива исклучиво во Франција или во соработка со партнери надвор од земјата.

Она што е потврдено е дека проектот има целосна поддршка од француската држава и дека се вклопува во поширок план за зајакнување на домашната и европската одбранбена индустрија.

Дел од поширок европски тренд
Влегувањето на Рено во воениот сектор не е изолиран случај. По војната во Украина, голем број европски влади активно бараат начини за вклучување на големи цивилни индустриски системи во производството на воена опрема, особено во сегменти како што се беспилотни летала, муниција и логистика, каде што е потребно масовно производство во големи размери.

Доколку проектот се развие како што е најавено, Рено би можел да стане еден од ретките големи производители на автомобили во Европа кои се директно вклучени во производството на воена технологија, со што ќе се замагли линијата помеѓу цивилната и одбранбената индустрија.