Audi го претстави болидот за дебитантската сезона во Formula 1

Audi официјално ги претстави боите на својот прв болид за F 1 во сезоната 2026, најавувајќи амбициозен влез и „Мисија 2030“

Formula 1 доби уште еден важен момент во пресрет на сезоната 2026, откако Audi официјално ги претстави боите на својот прв болид во највисоката класа на мотоспортот. Германскиот производител стана четвртиот тим што го откри визуелниот идентитет за новата ера на Формула 1, на специјален настан одржан во Берлин.

Сребрена основа и препознатлив Audi идентитет

Болидот со ознака R26 е прикажан во препознатлива сребрена боја, надополнета со црвени и црни детали на поклопецот на моторот и страничните рабови. Главен спонзор на тимот е Revolut, чиј логотип доминира на каросеријата. Од Audi истакнуваат дека дизајнот ги следи четирите клучни принципи на нивната нова обединета филозофија: јасен, технички, интелигентен и емоционален.

Изложбен болид, не финалната верзија

Како и кај претходните претставувања на Red Bull Racing и Racing Bulls, и Audi ги прикажа боите на изложбен автомобил. Тоа значи дека конечниот болид со кој тимот ќе се натпреварува во 2026 година сè уште не е јавно откриен, иако првите „пробни“ излегувања на патеката во Барселона на почетокот на месецот веќе навестија дел од можниот дизајн.

Дебитирање во време на историски промени

Влегувањето на Audi во Формула 1 се случува во период на најголеми регулаторни промени во историјата на спортот. И покрај предизвиците, тимот јасно ја дефинираше својата „Мисија 2030“, со амбиција до крајот на деценијата да се вклучи во борбата за шампионската титула. Проектот започна уште во 2022 година со влезот во Sauber Group, а целосното преземање следеше на почетокот на 2024 година.

Инвестиции и сопствена погонска единица

Од тогаш, Audi значително инвестира во модернизација на фабриката во Хинвил, Швајцарија, каде што се развива шасијата, како и во отворање технолошки центар во Велика Британија. Дополнителен предизвик од 2026 година ќе биде и производството на сопствена погонска единица, во согласност со новите правила.

„Овој автомобил е физичко олицетворение на илјадници часови напорна работа. Ова е само првиот ден од една долга кампања – нашата цел е да вградиме шампионски ДНК во секој дел од тимот“, изјави шефот на тимот Џонатан Витли, поранешен долгогодишен член на Red Bull Racing.

Возачки состав и календар

И во новата сезона тимот ќе го предводат Nico Hülkenberg и Gabriel Bortoleto, кои во 2025 година со Заубер завршија на деветтото место во шампионатот. Хулкенберг стигна до првиот подиум во кариерата на Силверстоун, додека Бортолето најдобар пласман имаше со шестото место во Унгарија.

Следното големо претставување е закажано за 22 јануари, кога Mercedes-Benz ќе го прикаже својот болид W17, додека Ferrari и Alpine ќе следат ден подоцна. Предсезонските тестирања започнуваат на 26 јануари во Барселона, а сезоната официјално стартува со Големата награда на Австралија на 8 март.
Преземено од Автоплус.мк