Повеќето канцелариски работни места ќе исчезнат за 12 до 18 месеци

Извршниот директор за вештачка интелигенција во „Мајкрософт“ се придружи на група директори кои велат дека очекуваат широко распространета автоматизација на работните места, поттикната од развојот на вештачката интелигенција.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Сулејман рече дека очекува вештачката интелигенција да може да ги извршува повеќето, ако не и сите, професионални задачи што се извршуваат на компјутер за релативно краток временски период.

„Мислам дека ќе достигнеме нивоа на човечка ефикасност во повеќето, ако не и во сите, професионални задачи“, рече Сулејман. „Работни места како адвокат, сметководител, менаџер на проекти или специјалист за маркетинг – повеќето од тие задачи ќе бидат целосно автоматизирани од вештачката интелигенција во следните 12 до 18 месеци.“

Тој додаде дека ваквите промени се веќе видливи во софтверското инженерство, каде што вработените сè повеќе користат програмски алатки поддржани од вештачката интелигенција. Според него, тие веќе се користат за поголемиот дел од производството на програмски код. „Тоа е сосема поинаков став кон технологијата, а тоа се случи во последните шест месеци“, рече тој.

Вештачката интелигенција веќе го менува начинот на кој работиме

Брзиот развој на вештачката интелигенција во последните пет години веќе доведе до конкретни промени во начинот на кој се извршува канцелариската работа. Иако алатките за вештачка интелигенција ја зголемија продуктивноста, тие донесоа и нови предизвици. Business Insider неодамна објави за појавата на таканаречениот „замор од вештачка интелигенција“ кај софтверските инженери, кои добиваат повеќе задачи и се соочуваат со зголемен притисок поради зголемената ефикасност на технологијата.

„Мајкрософт“ е меѓу водечките компании кои брзо воведуваат вештачка интелигенција во деловното опкружување. Компанијата развива алатки како „Копилот“ и инвестира во развој на технологии за вештачка интелигенција преку партнерства со компаниите „ОпенАИ“ и „Антропик“.

Сулејман не е единствениот кој предупредува за можните последици од брзиот развој на вештачката интелигенција. Некои експерти веруваат дека промените на пазарот на трудот би можеле да бидат длабоки и долгорочни.

Стјуарт Расел, компјутерски научник и коавтор на еден од највлијателните учебници за вештачка интелигенција, минатата година изјави дека политичките лидери разгледуваат сценарија во кои автоматизацијата би можела да доведе до невработеност од дури 80 проценти. Според неговите проценки, работните места од хирурзи до извршни директори би можеле да бидат во опасност.

Слични проценки даде и Дарио Амодеи, извршен директор и коосновач на „Антропик“. Тој претходно предупреди дека вештачката интелигенција би можела да загрози половина од работните места во канцеларијата на почетно ниво. „Ние, како креатори на оваа технологија, имаме должност и обврска да бидеме искрени за тоа што доаѓа“, изјави Амодеи за „Аксиос“. „Мислам дека многу луѓе сè уште не се свесни за обемот на промените“.